Нов чекор за отворената наука: националниот кандидат EOSC јазол влегува во фазата на проширување на EOSC Федерацијата
Со поддршката за кандидатскиот EOSC јазол од Северна Македонија во вториот бран на проширување на EOSC Федерацијата, нашата земја прави важен исчекор кон посилно вклучување во европскиот простор за отворена наука.
Овој процес не претставува само приклучување кон европска инфраструктура, туку и можност за понатамошно градење на национален систем во кој истражувачките податоци, дигиталните услуги, репозиториумите, експертизата и институционалните капацитети ќе бидат подобро поврзани и видливи.
Во таа насока, nosci.mk има улога на национална иницијатива која ги обединува напорите за развој на отворената наука во Северна Македонија. Преку поврзување на релевантните институции, инфраструктури и експертски заедници, иницијативата придонесува кон создавање заедничка основа за усогласување со европските практики, стандарди и политики во рамките на EOSC.
Кандидатскиот јазол на Северна Македонија се развива преку соработка помеѓу nosci.mk, ФИНКИ при УКИМ и Центарот за отворена наука при УКИМ. Во оваа соработка, ФИНКИ обезбедува техничка експертиза и инфраструктурна поддршка, додека Центарот за отворена наука придонесува кон организациската имплементација, градењето капацитети и развојот на компетенции за управување со истражувачки податоци и примена на принципите на отворена наука.
Со ова, нашата земја добива можност да го зајакне своето присуство во европските иницијативи за отворена наука, да ја подобри поврзаноста на националните ресурси и да создаде подобри услови за споделување, повторна употреба и управување со истражувачките податоци.Повеќе информации на:
https://eosc.eu/news/eosc-federation-scales-up-with-endorsement-of-14-new-candidate-nodes

Напишете коментар